1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повторно визи за Македонија и Србија?

Патување во Европа без контрола и без визи. Оваа слобода за некои држави соседи на ЕУ, пред се’ Србија и Македонија се заканува повторно да биде ограничена, поради големиот број т.н „лажни азиланти“.

Од декември 2009. година наваму на граѓаните на Србија и на Македонија не им е потребна виза за патување во земјите од Шенген зоната. Меѓутоа откако во 2012. година 7000 луѓе од овие две држави побараа азил само во Германија, оваа визна слобода сега повторно е доведена во прашање. Ив Паско, кој работи во Центарот за европски политики и раководи со одделението за „миграција“ во оваа тинк-тенк организација во Брисел ги опишува намерите на земјите-членки на Шенген зоната:

„Визната политика која беше насочена кон балканските земји беше политика на визна либерализација. Дискусиите кои сега се водат меѓу државите од Шенген зоната имаат за цел воведување нови клаузули, кои би требало да ја ограничат визната слобода и да  воведат нови визни обврски. Тоа треба да биде возможно, кога ќе биде забележан ненормален раст на баратели на азил од определени држави, кои меѓутоа немаат право на азил“, вели Паско.

Министрите на потег

Во 2011. година Европската комисија ја предложи т.н „безбедносна клаузула“. Во моментов за неа расправа Европскиот парламент. И на средбата на министрите за внатрешни работи и правосудство в четврток  (25.10.2012) во Луксембург треба да се дискутира за тоа, со цел новите правила да можат да бидат прифатени што е можно побргу. Анелизе Балдачини од организацијата за човекови права Амнести Интернешнл ја следи дискусијата од самиот почеток:

„Дискусијата за овој механизам, сметам дека започна кога туниските бегалци во минатата година дојдоа во Италија и продолжија да заминуваат во други европски држави. Но предвид се имаа и барателите на азил од балканските држави, кои заминуваат во други држави-членки на ЕУ“.

Критериумите кои би воделе кон повторно воведување на визите веќе се на маса, објаснува Ив Паско од Центарот за европски политики:

„Тие се поврзани со бројот на луѓе кои ќе допатуваат во една или повеќе земји-членки на Шенген зоната: притоа се споредува бројот на оние кои допатувале со бројот на оние кои доставиле барање за азил и со бројот на позитивно одговорени барања за азил. Ако една од земјите членки утврди нерамнотежа меѓу бројката на оние кои допатувале и одобрените барања за азил, најнапред ќе биде воспоставен дијалог со погодената земја од која доаѓаат тие луѓе. И потоа во определени случаи повторно ќе се воведе визната обврска“.

Усогласување на визите и правото на азил?

Меѓутоа како ваквите настојување можат да се усогласат со заедничкиот европски систем за азил, кој треба да биде имплементиран на крајот од годинава? Мора да се направи разлика меѓу одредбите за правото на азил и правилата за слобода на патувањето и миграцијата, објаснува Ив Паско.

„Тоа е еден од начините да се дополнат правилата за безвизното патување, при што привремено повторно ќе биде воведена визната обврска. Меѓутоа тоа не ги ослободува државите-членки во секој случај да се придржуваат до правилата за заштита на барателите на азил. Имено ако некој од балканските земји дојде и има право на азил, затоа што на пример стравува за животот, државите-членки мораат да го проверат неговото барање за азил односно да утврдат дали во земјата на негово потекло постои опасност по неговиот живот“. 

Меѓутоа ограничувањето на слободата на патување би можело да го поткопа и правото на азил, сметаат критичарите. Анелизе Балдачини ги истакнува  стравувањата на многу организации за заштита на бегалците, дека пред се’ Ромите од Србија и од Македонија би можеле да бидат погодени од новите правила:

„Стравуваме дека во основа новите правила служат за тоа етничките малцинства да бидат спречени слободно да патуваат. Тие страдаат во земјата во која живеат, тие се дискриминирани и некои од нив веројатно и навистина имаат право на азил“, вели Балдачини.

Фокус

Како се распаѓаше Социјалистичка Федеративна Република Југославија и кои се актерите во процесот на распадот? Од каде и како почна се‘ и што следуваше?