1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Екс-банкарски менаџер зад решетки

Американското судство води кампања против трговијата со инсајдерски информации - екс банкарот Раџат Гупта е осуден на две години затвор и пет милиони долари парична казна.

Поранешен врвен менаџер на американската банка Голдман Сакс е осуден на две години затвор поради давање инсајдерски информации. На Раџат Гупта суд во Њујорк му изрече освен тоа и парична казна од пет милиони долари. Тој оддал деловни тајни на банката на берзански менаџер, кој со информациите заработил 11 милиони долари. Државниот обвинител бараше десет години затвор за екс-банкарот. Судијата при одмерувањето на казната позитивно го вреднуваше придонесот на Гупта во добротворни и општествени цели. Освен тоа, во полза на обвинетиот беше и фактот што тој самиот немал директна полза. Гупта меѓу 1994 и 2003 година, како шеф на консултантската фирма „МекКинси“, ја поддржувал борбата против маларија во Африка и ги поддржувал социјално запоставените млади луѓе.

Според истрагата, Гупта тајните информации му ги предал на хеџфонд-менаџерот Раџ Раџаратнам, кој лани веќе беше осуден за трговија со инсајдерски информации и издржува затворска казна од 11 години. Случајот Раџаратнам беше еден од најголемите хеџфонд-скандали на Вол Стрит во последните 30 години.

Американското судство од пред неколку години засилено се бори против илегалната трговија со инсајдерски деловни информации.