Дома Пријави се за Зелена карта
  Вести Спорт Емисии ТВ програма Контакти Мапа    
   Македонија
   Економија
   Агровести
   Балкан
   Свет
   Занимливости

  Интервју
  Никола Груевски: „Предложив влада согласно Уставот на РМ“

  Фото
  Чета на АРМ заминува за Авганистан

 

 Дома > Вести > Ваш став

 

Што е тоа што не прави среќни?

[13.12.2005] Во едно од последните истражувања на професорот Рут Венховен од универзитетот Еразмо во Ротердам се покажало дека Македонците се најнесреќен народ на просторите на стара Југославија.
 
Во Македонија луѓето среќата ја бараат и ја гледаат низ разни симболи кои се провлекуваат низ суеверието, како амајлии, чување лук, одење по гатачи итн.
 
Други пак, среќата ја бараат играјќи разни игри, како бинго, лото, обложувалници. Во секој случај, надежта и вербата во среќата е нешто што никој што не сака да го отфрли.

Што е тоа што не прави среќни? Како може да ја опишеме среќата? Дали нужно оној кој верува во среќата ја претпоставува како можност и несреќата?


Темата е затворена и повеќе не се примаат коментари.

Ставовите изнесени тука претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на А1 Телевизија.

Забрането е копирање или повикување на ставовите изнесени тука без писмено одобрение од А1 Телевизија.

Ја гледав емисијата за ова тема и сум изненаден од вашиот пристап кон тоа што значи среќен човек.

Според мене, на таа емисија среќен човек е тој кој е богат и кој има пари да троши, но тоа е погрешен пристап кон среќен човек.

За ова тема подобро е да се обратиме на книгите на Артур Шопенхауер, на кои стои дека среќата човекот треба да ја бара во себе си, а не во неговата околина. Тие што го опкружуваат не можат да го усреќат или тоа го прават, но трае многу кратко.
Башки Сејфулаи, Тетово, Македонија

Живеј како денес да ти е последен ден од животот, оти не знаеш дали ќе се разбудиш утре. Дај и на душата се што сака, награди се самиот себе си, оти заслужуваш - ќе речеше татко ми.

Прави се што срце ти сака, ама со усул. Ако нема пари ќе видиш ќе наврти Господ.

Секогаш се сеќавам на мојот татко, кој знаеше сите да не развесели. Сум среќна што сум родена во такво семејство.

Велат и Господ ги сака добрите луќе, па затоа ги зема кај него. Среќата кратко трае, ќе рецат. Или кратко, ама барем секој момент беше драгоцен.

Верувам дека после дождот, сонце доаѓа и дека Господ дава и господ зема. Го зеде Јован, а шест месеци после ми ја подари Јована, насмеаното мало мамино кукле, кое заедно со бате Вики секој момент ме потсеќаат.
Билјана Трајковска, Лејк Хијавата, САД

Само што ја прочитав изјавата на Бучко, дека нема време за изјави. Такви работи ме развеселуваат.

А тоа што ме прави среќен е што во последниве неколку години не сум во Македонија и не морам да ги слушам глупостите на нашите политичари, било од позицијата, било од опозицијата. Така и небото изгледа поплаво од што е.

Мислам дека сите би биле посреќни кога би се засукале ракавите и малку би се поработило на напредокот на државата, наместо само да се даваат изјави за ова и она и да се протажираат бизнис пријателите, кои за возврат најверојатно ги наградуваат своите патрони.
Драган, Торонто, Канада

Животот ме прави среќен. После две години поминати во Багдад научив дека само љубовта и здравјето ги прават луѓето среќни.

Тоа се двете најбитни работи кои со пари не можеш да ги купиш. Само тие две работи те прават да се чувствуваш среќен и исполнет.
Далибор, Ирак

Среќна сум кога мислам на моето детство. Иако скромно и сиромашно со многу љубов, почитување и разбиранје, другарство, топлина, веселба, гостопримство што ми недостасува овде во Америка.

Добро е да се има добар стандард, но за тоа треба секој сам да се потруди да придонесе што повеќе. Многу ми е жал за македонскиот народ.

Нека се организираат сите економисти во Македонија и да најдат излез за зголемување на производството и поголема прилика за запослување на народот, па да бидат сите среќни и горди на најплеменитата нација од стара Југославија па и повеќе.

Зошто сум во Америка? Поради бесмислената војна во Босна.
Софија, САД

Па можам да кажам дека љубов, здравје и пари се првите три основни работи за да се чувствува човек среќен во животот.

Тие три работи се толку различни една од друга, ама сепак ако една од нив фали бидете сигурни, не сме среќни.

Ќе ви објаснам зошто. Што ако сме богати, ако не сме здрави, што ако сме здрави, кога патиме од љубов, што ако сме заљубени, а немаме пари на саканата да и исполнеме некоја мала желба што ќе ја направи посреќна денес.

Сега некој од вас ќе каже, ама не е се во парите и ќе ви кажам, да, во право сте. Парите не прават среќен, но за потполна среќа тие се неопходни.

За мене овие три работи се најважни и секој ден се трудам и се обидувам да дојдам до целта, која вие ја нарекувате среќен човек.
Зоран Темелков, Дортмунд, Германија

Моето прекрасно езеро кое со нетрпение чекам да го видам, семејството кое ме прави толку среќен и моите другари.

Во моментов сум во Романија и секогаш се прашувам овде што би ме правело да сум среќен.

Би бил и најсреќен да влеземе во ЕУ, верувајте не сме полоши од овие Романци кои се надеваат да влезат во 2007-ма, но тоа е една голема политика која за жал од секогаш така било.

Охрид, чекај ме.
Миле Лаброски, Букурешт, Романија

Ни филозофите не можат да дадат јасна дефиниција за среќата. Многу интересна тема имате одбрано, иако сметам дека требало прашањето поинаку да се формулира.

Всушност, среќата е нешто што не е поврзано ни со време, ни со територија, материјално или пак, со личност.

Тоа е нешто што се носи во себе и интензитетот на истата зависи од личноста.

Пред неколку години на билбордите во Скопје прочитав „Цело е кога има се“.

Постојано анализирав што се испраќа оваа порака, но откако дојдов во Америка, целосно ја сфатив.
Бети, Детроит, САД

Ме прави среќен помислата дека доаѓаат избори и оваа влада конечно ќе замине од сцената, а со неа и сите овие актуелни квази политичари кои ни ја украдоа младоста и нам и на нашите идни генерации.
Дејан Георгиевски, Скопје, Македонија

Среќна ме прави мојата ќеркичка, сопругот. Среќна сум што ги имам, а тажна затоа што не сме заедно моите родители, брат, сестри.

Среќна сум кога се сеќавам на минатото, дома. Да, во Македонија, но таму не е како некогаш, таму е се поинаку, луѓето се загрижени, несреќни.

Точно е тоа дека малите работи го прават човека среќен, но дали некој може да биде среќен со празен стомак, дали може да биде среќен ако на неговото дете не може да му ги приушти најосновните работи за нормален живот? Не.

Колку и да ми недостига она што го имав дома, сепак не посакувам моето дете да живее таму.

Јас и понатаму ќе се сеќавам на моето убаво детство и ќе жалам за тоа колку има несреќни деца сега во нашата земја.
Буљугија, Бохум, Германија

Среќата е секогаш со семејството. Среќна сум кога мојот син ќе ми зборува Македонски и сака да иде во Македонија. А нај среќни сме кога идеме дома, а домата е Македонија,

Сега живеам во Канда, ладна земја. А секогаш кога се сеќавам на убави нешта се сеќавам, на дома, на семејството и како весело беше дома, иако немаше многу работи како што сега имаме во Канада. Некогаш не се важни и работите што се купуваат и парите. Некогаш навистина боли кога не си среќен. Важно е да си насмејан и радосен.
Атина Димитрова, Торонто, Канада

Среќата е секогаш со семејството. Среќна сум кога мојот син ќе ми зборува македонски и сака да иде во Македонија. А најсреќни сме кога идеме дома, а домата е Македонија.

Сега живеаам во Канда. Ладна земја. А секогаш кога се сеќавам на убави нешта се сеќавам на дома, на семејството и како весело беше дома иако немаше многу работи како што сега имаме во Канда.

Некогаш не се важни и работите што се купуваа и парите, некогаш навистина боли кога не си среќен. Важно е да си насмеан и радосен.
Атина

Се прашувам, колку може една нормална личност во Македонија да биде среќна, кога околу себе гледа се повеќе и повеке растечки број на несреќни.
Харалд Јанак, Солиген, Германија

Живеам во Бугарија и сум Македонец. Пресреќен ме прави чувството кога гледам дека во Македониај се случуваат и убави работи, иако овде во Бугарија известуваат само за лошите и ги црнат македонците. Но бугарите се злобен народ и го прават тоа од завист.

Среќен ме прави прошетката покрај кејот на Вардар, по Широк сокак во Битола, покрај Охридското езеро.

Пресреќен сум кога гледам дека уметноста, театарот, музиката, се на толку високо ниво во мојата Македонија. Сакајте си ја државата, љубете ја од се срце, сигурен сум дека ќе ви врати со добро. Поздрав.
Петар, Софија, Бугарија

Што ме прави среќна? Семејството, моите родители иако се далеку од мене, мојата ќерќичка, сопругот, пријателите.

Веќе 7 години живеам надвор од Македонија и се ме влече назад. Кој не видел како е на „Запад“ не знае дека дома е најубаво.

Никаде во светот ја нема македонската гостопримливост, радост, тага и за оние што не ги познаваме, веселбите и другарувањето.

Можеби тоа е изменето деновиве, ама нека ми кажат сите Македонци кои живеат надвор од земјата - кој ќе им отвори врата и ќе ги повика на кафе кога не се во Македонија? Никој.

Треба да се радуваме на тоа што го имаме.
Ема Гејвуд, Лондон, Велика Британија

Сопствениот мир и благосостојба. Сопствената исполнестост со себе и се околу мене. Добра цигара со уште подобро и квалитетно кафе, сонце, вода, добра книга. И над се мојот партнер.

Јас сум среѓно битие, мојот партнер е постојано со и во мене.
Елена Г, Скопје, Македониjа

Среќна ме прави кога ќе си отидам во моето родно градче Кочани после напорна колоквиумска недела на Економски Факултет. Тогаш сум најсреќна.
Наташа Митева, Кочани, Македонија

Кратко и јасно - љубовта. Да пружаш некому љубов и да примаш љубов, ти си среќен човек.
Марија Маркоска, Холандија

Охридско Езеро, квечерина, црвено огнено небо на залез на Сонцето, пастрмка на скара во Трпејца, локална домашна жолта ракија и салатка, добро друштво во кое човек може да се опушти и да си направи убав, отворен муабет, гитара и убава песна, лебди топлина и љубов во воздухот.

Кафенце со најдобрата другарка/другар во некое од кафанчињата на кејот покрај Вардар во Скопје.

Познавам стотици Македонци кои несебично помагаат кога е тоа потребно и не бараат ништо за возврат.

Не сум идеалист, но доста веќе со терминот „Македонче“ и тој досаден комплекс на инфериорност. Никој не е ни подобар, ни полош од нас.

Македонија е заглавена во проблеми (како и најголемиот дел од земјите во светот, па дури и најбогатите) и мисли дека тоа само таму се случува.

А тоа прави да се чувствуваме како да сме најбедни и најглупави и неспособни. Маѓепсан круг.

Но мислам дека полека излегуваме од него, бидејќи има се повеќе информации преку интернет и сите останати медиуми.

Корупција и лаги има насекаде. Меѓутоа, она што на почетокот го напишав, тоа ретко го има во богатите земји.

Луѓето од трка по пари за да имаат повеќе куќи, коли, облеки итн. заборавиле на убавите нешта кои животот го чинат навистина вреден и богат.

Затоа сите се воодушевуваат кога ќе ни дојдат на гости.

Нашето богатство е во нас, јас секое доаѓање во Македонија тоа јасно го гледам и доживувам, знам дека ниту една влада и беда не може да ни го одземе, се гордеам со тоа и затоа многу си ја сакам нашата Македонија.
Љубица, Есен, Германија

Си бил некој рибар од Охрид и си фаќал риби на езерото. Ќе фател неколку риби и ќе си отишол во Летница да му испржат неколку, а останатите ќе им ги дал за компензација со вино и така скоро секој ден.

Арно ама го гледал некој Германец и не можел да издржи и му предложил следново:
Наместо рибите сите да ги изеде и даде за вино, повеќето да ги продаде, со парите да купи уште една трска, па да фати дупло повеќе риби, па и тие да ги продаде, па да купи кајче и да фати уште повеќе риби и тие да ги продаде, па да купи уште едно кајце, да вработи луѓе и да ужива и да биде среќен.

Кога рибаров го ислушал сето тоа, му рекол дека не мора толку да се мачи, бидејќи и сега е среќен.

Сега уште една приказна. Си биле двајца браќа, едниот богат, другиот сиромав.

Сиромавиот колку имал имал, ама кај него имало постојано песна и не му се секирале многу, а богатиот бил постојано загрижен, кај да ги инвестира парите, дали му платиле или не итн.

Жена му била љубоморна на јатрвата, бидејќи не се секирале за ништо и му предложила на мажот да им дадат пари на заем и тие да почнеле некој бизнис и овој ја послушал, му однел пари на братот за да почне некој бизнис.

Овој ги зел и почнале со жена му да мислат кај да ги инвестираат, ама никако да најдат решение, арно ама престанале песните во куќата.

На крај жена му рекла, слушај, врати му ги парите на брат ти, а ние да си продолжиме по старо.

Кажете ми кој бил посреќен, рибарот или Германецот, богатиот или сиромавиот и сите ќе ве прашам: Има ли единица мерка за среќа, па да кажеш јас сум 5 пати посреќен од брат ми или сестра ми.

Темата ви е интересна, ама нема реален одговор. Ако некој е среќен ако се продаде ЕСМ, друг нема да биде, кој ќе биде во право?

Вработените се среќни, а невработените се несреќни, а живеат во иста држава, ист град, исто општествено уредување.

Има една народна која вели: роди ме мајко со среќа и фрли ме на буниште.

За на крај сакам да кажам дека среќата е недифинирана и немерлива категорија на чувствата на човекот, како и други емотивни категории.

Како на пример, кога жена ми ќе ме праша дали си среќен што ти ги купив овие облеки, а на пример децата ми купиле други облеки и сега како да измерам колку сум среќен.
Ѕвонко Тевдовски, Детроит, САД

Доколку е факт дека Македонците не се среќни треба самите да се запрашаат зошто. Имено, многу сакаме и многу чекаме од другите, а никако да се запрашаме што ние правиме за да бидеме среќни. Имам впечаток дека како македонче (гнило конче) секогаш велиме и стипулираме дека некој друг е виновен за тоа што нам не ни оди, иако длабоко во себе знаеме дека виновни сме самите ние.

Не може Македонија да биде на дното на некоја институција ако самата не си придонесува за истото да и се случи. Не може Македонија да биде жртва ако не се стави во позиција на жртва. Едноставно не одат некои работи.

Наместо да го поставам прашањето „Што е тоа што не прави несреќни?“ би типувал повеќе на „Што правите за да бидете посреќни?“. Верувајте - поголеми пасивци нема и аналогно на тоа нема да имате многу одговори :)
Јован, Тулуз, Франција

Треба да правиме разлика помеѓу среќа и еуфорија или радост. Среќата извира од самиот човек.

Ништо надворешно нема сила да не направи среќни. Тоа е само наша способност.

Таа настанува во моментот кога се спознаваме себеси и живееме во согласност со нашата природа.

Тогаш не се покоруваме на општествените норми, на барањето на другите. Тогаш уживаме во секој момент од денот и не сме оптоварени со минатото или иднината.

Тоа значи разбирање на себеси и на светот таков каков што е. Среќата исклучува желба по насилна промена.

Од среќата извира љубовта и сите други животни благодети. Значи, љубовта, парите итн. се последица на среќата, а не нејзина причина.
Никола Миљевски, Љубљана, Словенија

Најсреќна ме прави ЕУ што е искрена и како и секогаш надуена кога е во прашање нашава апликација.

Уште посреќна ќе ме направи владава или наредната или било која ако ги прекине преговорите со ЕУ и почне преговори со САД за приклучување на нашава државичка како територија на САД.

Што е многу за ЕУ, многу е.
Вера, Чикаго, САД

Сега ќе бидеме среќни кога ќе ни го продадат Електростопанство. Абе повесела нација нема да има од нас. Сите ќе споулавиме и само ќе се смееме.

Да ќе се смееме, па ќе кукаме и на крај ќе се бесиме или ќе сечеме вени. Друго чаре нема.

Да, може ќе умреме насмеани што сме се откачиле од бедата.
Мартин Лазаревски, Куманово, Македонија

Кога ќе видам како Шеќеринска лета во облаци околу „реформите што храбро ги спровела оваа владејачка гарнитура“, или како обвинителот Прчевски се интересира за се освен за обвинителство, или како Ахмети се пријавува за преговарач на Косово откако ги реши сите домашни проблеми на етничките Албанци, или како пратениците си гласаат бенефиции за себе притоа не мислејќи ни секунда за народот, или кога ќе слушнам дека 21% од македонското население живее под прагот на сиромаштијата, или кога ќе го видам големото рачно изработено албанско знаме со кое се третираа некои од албанските фрустрации, што да ви кажам, многу сум среќен. Им го препорачувам на сите рецептот.

И кога се давите во кал, бидете среќни, такви ве сакаат политичарите. Никако протести, штрајкови, блокади. Па тоа не го заслужиле ниту пак придонеле за такво нешто. Ви ги зголемиле трошоците за живот? Па сакаат да живееме поквалитетно, а се што е поквалитетно се плаќа.

Ставете розови очила - бидете среќни.
Ивица Васев, Скопје, Македониjа

Најсреќни не прави онаа реклама - дека можеме да станиме потенцијален добитник на Зелена карта за Америка. За македонците нема поубаво нешто, а за Македонија е невиден тероризам.

Нека извини Македонија, поважна е лотаријата за добивање америчка виза.
Бранко, Скопје

Само парите ме прават среќен и ништо друго. Не сакам ни мајка, ни татко, ни жена - ништо. Само пари, тоа е и причината што сум се иселил од Македонија.

Благодарам.
Тодор , Грац, Австрија

Во принцип малите нешта не прават среќни. Но малкумина ги забележуваат истите.
За некој среќата е несреќа, за други несреќата е срека. А зошто?

Затоа што среќата исто како и несреќата имаат различна тежина, односно делуваат различно кај различни луѓе.

Бидете среќни.
Ангел Мановски, Лондон, Велика Британија

Семејството. Семејството е за мене најголемата среќа што можам да ја замислам. Взаемното почитување. Љубовта и среќата. Пријателите и нивната дружба, меѓусебните односи, делбата на доброто и злото.

Јас лично не гледам дека вербата во среќа ќе донесе несреќа, туку само мало разочарување ако во тоа „несто“ многу верувал.

Во принцип сум оптимист и би им посакал и на другите животот да го гледаат од поубавата страна. Сепак животот е краток, дај да се изнаживееме и да пробаме да ги избегнеме стресовите кој не погодуваат.

Мислам дека секој момент ако се искористи за нешто убаво, тоа ќе не исполни.
Тик-так, времето ни врви.
Кенан Шерифи, Скопје, Македонија

Луѓето кои живеат надвор од Македонија и малкумина во Македонија знаат да го ценат фактот дека навистина сме весел народ.

Ќе преживееме ли преку ова се ако не бевме?

Македонија има среќа во секоја нејзина педа. Бидете среќни и весели, било да сме кандидати, било да не сме.
Верица Павлова, Скопје, Македониjа

Секој од нас ја носи среќата во себе и во малите нешта што се случуваат околу нас, а многу од нас не им обрнуваме внимание - здравјето, слободата, храната, па дури и да е сол и леб, водата, љубовта, вниманието, почитта, радоста, смеењето, да подаруваме да ги направиме другите среќни. Тоа е нашата среќа.

Живеам надвор од Македонија и сакам на сите мои Македонци да им кажам, дека треба да сме среќни што знаеме како да сакаме, како да тагуваме, плачеме итн.

Имаме чувства, а многу луѓе во светот тоа го немаат. Радувајте се на сонцето. Следниот пат кога ќе дојдам за Божиќ, на тавче гравче сакам да сте сите радосни и насмеани.
Венера Антонова, Софија, Бугарија

 

 A1 mail листа

 A1 на SMS

 A1 на PDA

 A1 на WAP

 A1 RSS канали

 A1 на сателит



Дома | Вести | Спорт | Емисии | ТВ програма | Контакти | Мапа | Реклама на a1.com.mk

(C) А1 Телевизија

За сите технички прашања во врска со овој сајт контактирајте со webmaster@a1.com.mk