Дома Ентер - сабота 18:00
  Вести Спорт Емисии ТВ програма Контакти Мапа    
   Македонија
   Економија
   Балкан
   Свет

  Интервју
  Г.Климент: „Манастирот Зрзе е извор на мојата енергија“

  Фото
  Реновиран одделот за гастроентерохепатологија на Детската клиника

  Сторија
  Жителите на Чичино село се тепаат меѓу себе за вецето
 

 Дома > Вести > Ваш став

 

Дали да се воведе веронаука во училиштата?

[04.03.2005] Во 2002 година тогашната Влада на РМ воведе изучување на веронаука во училиштата. Поради големиот притисок на јавноста и опозицијата, таквата одлука беше спроведена во само неколку образовни институции и траеше помалку од една година.
 
Конечно, Уставниот суд пресече и веронауката беше укината од образовната програма.
 
Сега пак, актуелнава власт, која тогаш остро протестираше, сака повторно да ја воведе веронауката во образованието.

Дали е ова додворување кон народот и предизборен маркетинг? Постои ли релевантна програма за начинот и пристапот по кој ќе се изучува оваа проблематика? Кои религиозни учења ќе се предаваат? Како ќе им се објаснува на учениците поимот на Бог? Што е целта на веронауката – истакнување на различноста или доближување на верските заедници?


Темата е затворена и повеќе не се примаат коментари.

Ставовите изнесени тука претставуваат лично мислење на нивните автори и не претставуваат официјален став на А1 Телевизија.

Забрането е копирање или повикување на ставовите изнесени тука без писмено одобрение од А1 Телевизија.

Ако земеме да ја изучуваме веронауката, ќе настанат големи проблеми во државата за тоа која религија треба да биде застапена, а која не.

Ако за една религија има напишано нешто повеќе, ќе настанат дилеми за тоа кој како кога.

Затоа, подобро секоја вера да си одржува часови по веронаука во својот храм. Така ќе биде поприфатливо за сите.
Милка Мишева, Кочани, Македонија

Јас лично сметам дека треба и мора да се воведе веронаука во училиштата, поради голем број причини.

Како припадник на муслиманската вероисповед, сметам дека со воведување на веронауката во училиштата, децата ќе сфатат што е свето, што е добро, а што лошо и ќе ги разберат негативните последици кои ги носи војната, омразата и дека треба секој секого да почитува, без разлика на неговата етничка припадност, бидејќи ниту во Библијата, ниту во Куранот не постои омраза, туку спротивното, дека сите треба да се сакаме и почитуваме, што не е случај денес во светот.

Веронауката треба да се воведе во основните училишта, на пример 7-мо или 8-мо одделение, кога децата се оформуваат како личности и заземаат свој став во средината во која живеат.
Амела Факиќ, Скопје, Македонија

Сакам да нагласам во врска со веронауката, дека е многу важно и е задолжително, затоа што народот треба да се обрати на верата, а не на неверството, како комунизмот и другите неверства.

Луѓето што имаат вера, имаат карактер, тие што немаат вера, се луѓе без живот, како река без вода.
Јетон Иса, Куманово, Македонија

Најпаметната идеја во последните 40 години. Толку барем јас паметам. Каде и како без верба во Бога.
Елидија Коцева, Минхен, Германија

Воведување на веронаука во образованието е потребно, поради тоа што може да помогне индиректно да решава многу негативни појави кои се актуелни во нашата држава (нарко-зависноста, алкохолизмот, проституцијата).

Негативната страна е доколку и религијата почне да се политизира, како и сите други области кај нас. Тогаш ќе има обратен ефект.
Беким Незири, Скопје, Македонија

Бидејќи црквата е одделена од државата, барем декларативно, и веронауката треба да е издвоена од државните училишта.

Воведување на задолжителен предмет во нашите училишта повторно ќе се претвори во искривоколчување на интимниот, сопствен избор на секој слободен човек, туку избор на некакви лицемерни душегризници.

Веронаука да, но само надвор од државните училишта, кои и така само делумно ја извршуваат својата функција, образовната и така-и така, но воспитната многу ретко.

Затоа, со воведување веронаука (од која вера или по клуч во секоја паралелка), сигурно нема да имаме поздрава и покултурна младина.
Ико Тодоровски, Скопје, Македонија

Лично мој субјективен став е дека не треба воведување на веронауката во контекстот на образованието, бидејќи децата ќе се насочат во некој сосема поинаков правец.

Сепак, децата како мали не треба да имаат претстава за такви нешта во своите дни и сништа.
Раде Филиповски, Пловдив, Бугарија

Време беше да се подигне свеста на нашиот народ, а тоа може само преку верата, порано тоа била иницијалната каписла за здружување и борба против окупаторот. Не гледам зошто и сега да не е така.
Јордан, Кавадарци, Македонија

Доста некој ни ги покриваше очите. Време е да почнеме да гледаме и да учиме сами.

Мислам дека веронауката е навистина нешто убаво. Дури и на атеистите би им била од корист, бар би знаеле во што не веруваат.
Ванчо Назов, Рим, Италија

Мислам дека треба да се воведе контролирано изучување на религија во училиштата, затоа што Исламот, ако не е контролиран од страна на другите религии, знае да застрани во правец на омраза.

Инаку, за изучување на христијанската религија во школите немам ништо против.
Дино, Солун, Грција

Би било добро од општа култура децата да се добро запознати со својата вера, како и останатите, поготово кога би биле членка на ЕУ, каде може да се сретнат луѓе од секоја вероисповед.
Никола Трајковски, Гетеборг, Шведска

Мојот став е дека ние младите треба да ја изучуваме веронауката, за да знаеме во што веруваме, каква ни е религијата.
Славка, Велес, Македонија

Можеби веронауката би била во состојба да помогне до некој степен во градењето на систем од морални норми и вредности кај децата. Сепак, јас многу се сомневам дека постоечките цркви и религии, преокупирани со борба за моќ и влијание и со застарени и неприлагодени на денешницата догми, можат да се справат со современите прашања на една млада личност.

Ставовите на повеќето или некои религии: за некористење на кондоми (меѓу другото како важно средство за заштита од СИДА), против абортус, против секс пред брак, припадници на друга вера се неверници итн... можат тешко да одиграат позитивна улога во градењето на идните граѓани на Македонија.

Поради тоа, мојот став е дека веронауката не припаѓа во редовното училиште.

Различните цркви и џамиите, од друга страна, наместо да се впуштаат во фундаментализам, борба за моќ и влијание, меѓусебни непризнавања и клевети, вечното материјално грабање од народот, можат слободно да направат нешто за народот: да инвестираат сами во верски училишта, со посета на доброволна основа.

Од сличен агол, еден голем поздрав за двете цркви во Скопје кои организираат секој ден топло јадење за луѓето што не можат да си преуштат ни едно јадење на ден! Тоа е навистина светол пример.
Сузана, с. Чифлик, Македонија

Мислам дека е крајно време да се воведе веронаука во училиштата во Македонија, после 50-годишното владеење на комунистичко-атеистичките идеи.

Секој човек е оставен на слободна волја, дали и колку ќе ги прифати верските учења, па според тоа, не гледам ништо штетно во веронауката.

И најразвиените држави ја имаат воведено веронауката, истовремено изучуваат и етика, а кај нас, за жал, не се изучува ниту едното, ниту другото.

Тогаш, како мислиме да ги подигнеме нивото на моралот, етиката, чесноста и сите други позитивни квалитети кај нашата младина?
Елизабета Атанасова, Скопје, Македонија

Религијата до денес предизвикала и ќе предизвика многу конфликти, дел од тие конфликти произлегуваат, како од познавање, така и од непознавање на основните вредности и принципи на истата.

Најдобро решение во однос на изучување на тие вредности и принципи би било воведување на етика како предмет во наставата, која би понудила информации и знаење за основните начела за сите религии.

На таков начин ќе се овозможи и почитување кон она другото, кое е различно, но сепак исто со нашето.
Денис , Скопје , Македонија

Јас мислам дека веронауката е еден дел од животот на секој човек, без врска на која вероисповест и припаѓа. Кога во мое време (не знам дали е сега така) ја учевме историјата на стара Грција и историјата на римското царство, зошто не би учеле веронаука. Од каде ќе дознаат идните поколенија кој го донел христијанството во Македонија и ќе имаме секогаш проблеми со соседните држави и нема да ја признаваат нашата најстара црква.
Алексо Цветаноски, Струга, Македонија

Мој став е дека не треба да се воведува веронауката во училиштата. Родителите кои сакаат на своите деца да им дадат сознанија од оваа област тоа нека го направат надвор, а не во државните институции. Барем за тоа сега постојат можности.

Парадоксално е да земја која е сиромашна и која треба следните години да води секаква рестриктивна политика да си дозволи уште еден луксуз, да не речам расипништво и тоа без никаков логичен основ. Па нели сега треба да градиме заедничка држава со сите етнитети?

Дали јавноста сваќа дека со оваа новина би можела да ги разедини уште повеќе децата, бидејќи како што сега стојат работите ситуацијата на овој план не е сјајна.

Се надевам дека ке надвладее разумот и политичарите ќе почнат да се занимаваат со попаметни неста. Дефинитивно сум против воведувањето на религиозната настава во училиштата!
Анита Рамаданова, Скопје, Македонија

Науката и религијата не само што немаат многу допирни точки, туку и често низ историјата се судирале. Сосема е бесмислено да се воведува веронаука во образовниот систем. Значи, кому му се верува во виша сила, има каде тоа да го учи или практикува.

А ако се работи за подигнување на моралот и хуманиот капацитет на младата генерација, тоа е повеќе прашање на добро семејно воспитување, како и формирање на личноста низ образовниот систем. Секако, влијание има и целата општествена и социјална состојба во која се наоѓаме.

Јас повеќе би сакал да видам училишта кои прво ќе ги прават учениците млади господа, со добри манири и воспитување, а потоа и да ги образуваат квалитетно и современо. Би намалил одредени предмети, за сметка на зголемување на фондот на часови по информатика и странски јазици, особено англискиот.
Зоран С., Скопје, Македонија

Категорично против. Причини:

1.Формално Правни - Противуставно.

2.Практични - поради мултиконфесионалноста и релативно големиот број на атеисти операцијата е компликувана и реално неспроведлива.

3. Економски - операцијата е премногу скапа за нашиот и така осиромашен образовен систем (тука сугерирам до сите оние кои се залагаат за спротивното, да пристапат кон организирање на независен систем за верска поука кој би се базирал на приватни прилози и донации што би било многу почесно и правно издржано).

4. Етички - што се однесува до оваа категорија имајќи ги во предвид квалитетите и капацитетите со кои располагаат двете најсилни верски организации (МПЦ и ИВЗ), сепак предност му давам на предлогот на Проф. Темков за воведување на Етиката како наставен предмет со адекватен број часови, како многу поадекватна алтернатива од веронауката.
Предраг Терзиоски, Брисел, Белгија

Веронаука во училиштата? Да, зошто ниедна религија на светот не проповеда омраза и непочитување против другите, туку почит и меѓусебно разбирање. Затоа мислам дека крајно време е да се освестиме и да ги оставиме предрасудите наметнати од стариот и промашен комунистички систем, дека религијата е нешто лошо и сосема непотребно за младите луѓе.

Ако Макоедонија сериозно чекори на патот кон Европа, тогаш мора да ги прифати и европските модерни школски системи, па наместо учениците да изучуваат непотребни и заостанати предмети од комунистичкиот систем, како на пример Одбрана и заштита, во кој децата на свесен или несвесен начин се обврзуваат да учат за начините на користење, односно употреба на оружје или со прости и едноставни зборови како да убиваат, тогаш не ги сваќам луѓето кои се противат на воведувањето веронаука во училистата. Зарем постои таква религија која проповеда убиства, нетолеранција или омраза?

Мислам дека комплетно македонското школство е сосема заостанато и уште со комунистички предрасуди, односно живее сеуште во времето на една држава која постои само во историјата!
Петре Ицев, Фулда, Германија

Македонија е сиромашна земја за да може да си прави такви луксузи како што е веронаука во училиштата. Треба да размислиме колку ќе не чини овој предизборен маркетинг.

Секој граѓанин може да се стекне со познавања од верата на која припаѓа надвор од државните институции. Финансиската страна за мене претставува примарен проблем, а има и други проблеми со кои ќе се сретнува државната управа во текот на спроведувањето на овај експеримент, ако заживее во пракса но, не би можел сега да ги коментирам поради ограничувањето од 1.500 знаци.
Методија Миленковски, Битола, Македонија

Религија и наука немаат никаква врска едно со друго. Ако е за изучување на разликите меѓу религиите, филозовските мисли и духовните потреби што ги сочинуваат, тогаш е дел од филозофијата и до некаде од предметот историја, ако се гледа на минатото и културните.

Со други зборови, додека се гледа на религиите како наука, не можат тогаш тие да бидат спас за општеството од неморал и крива етика. А од друга страна, ако цело општество зависи од религиозни правила, тогаш стануваме фанатици и не сме ништо подобро од екстремни исламисти и фундаменталисти од блискиот исток, без навреда на обичниот муслимански верник во денешна Македонија, за кој не станува овде збор.

Не за веронаука од религиозни лица. Да за изучување на културни разлики од неутрални педагози.
Ж. Гроздановски, Битола, Македонија

Веронаука во училиштата-да. Од причини што ќе произведеме генерации со морални и етички вредности, достојни за почитување, што ќе го зајакнеме семејството и неговата улога во општеството и на крајот, преку овие сегменти ќе ги согледаме и постулатите за опстојување на државата, кое ни е неопходно во услови на живеење на различни групи.

Меѓутоа, исто така мислам дека за ваков вид едукација на младите треба да има соодветен наставен кадар, растеретен од догмите и предрасудите, наследени од предходниот систем (и по мозност високоетичен).

Во спротивно, би можело да се направи уште поголем хаос од сегашниов, ако на пример, за високите етички норми на Христовите следбененици ви зборува човек со побркани вредности (што за жал кај нас е многу извесно и често).
Сузана Чешмаџиска, Мелбурн, Австралија

Во ова време на неморалност, апашлук, полтронство и себичност и те како е погодно да се воведе веронаука во училиштата.

Би било прекрасно децата да учат за моралот, за етиката и толерантноста, кои се составен дел и на Христијанството и на Исламот.
Ристос, Краков, Полска

Во Австралија се учи веронаука само во црковните училишта: католички и англикански, а не во народните училишта.

Македонската црква нека си отвори нивни училишта, во сабота по неколку саати и кој се интересира, ќе оди.
Доне Димов, Канбера, Австралија

Треба да се воведе веронаука и тоа колку порано, толку подобро. Зашто тоа моќно орудие да не им се даде на децата?

Тоа е најголемиот благодет, само ментално закржлавени личности не го прифаќаат предлогот за изучување на веронауката.
Нари Ковачевски, Скопје, Македонија

Јас сум против воведувањето на веронауката во образованието, затоа што религијата треба да остане надвор од образовниот систем на Македонија.

Секој поединец има можност да се стекне со верско образование (по сопствен избор), надвор од образовниот систем.
Фаруф Хасиќ, Скопје, Македонија

Нема потреба. Нека се воведе бесплатен интернет и компјутер за секој уценик/студент. Таму е иднината. Сепак сме 21 век.

Ме интересира кои се аргументите на тие што се залагаат за веронаука, дека тоа што го имам слушнато едноставно не држи во ова време.
Whizkid, Лондон, Англија

Кога јас бев ученик во основното и средното образование никогаш не ги сакав предметите биологија, хемија, физика, марксизам, меѓутоа бев приморан да ги изучувам и за тоа мене никој не ме праша.

Ми ја полнеа главата дека потекнувам од мајмун, а во моето семејство “Благодарение на Бога” немало и се уште нема таков. Да не се однесуваме и ние така кон нашите деца. Да ги оставиме децата самите да направат избор од кого потекнуваат.

Нека тие самите одберат дали ќе веруваат или не, затоа што и атеистите сигурно имале некој предок верник. Веронауката ќе им ги одговори прашањата, кој природната наука неможе.

Денес во ова општество на изгубени вредности единствена сламка која може да не извлече, од “демонократскиот” амбиент во оваа држава е баш таа веронаука, затоа што од неа произлегуваат и етиката и моралното однесување.
Горан, Скопје, Македонија

Веронаука да зошто да не!? Да затоа што секое ново знаење е добро за секого, особено во оваа состојба на целосна дезиеодологизација и дезориентација на се и сешто. Но, тоа да се направи со пристапни текстови и учебници. Тоа се разбира е обврска на тие што ќе ги пишуваат книгите. Но, во никој слуцај тоа не смее да се направи како што впрочем се прават сите работи во оваа земја. На брзина заради некои дневно политички цели.

На ова секако треба да внимава пред се црквата, а не да се обидува да ќари од дневно-политичката констелација. За жал од она што го гледам и слушам и ова ќе мине како и секој друг циркус во државава.

Значи принципелено веронауката е потребна во нашето општество, но не вака како што сега се турка, за да не се случи лошите ефекти да бидат поголеми од позитивните.
Слободан Содиќ, Скопје, Македонија

Во дискусијава не е расчистена целта на веронауката. Се зборува ли за информација или за индоктринација. Ако се работи за информирање, да не заборавиме дека во Индија и Кина по една милијарда луѓе веруваат во други божества. Да се изучуваат ли и тие?

Човекот има ли право да верува во кој бог сака или во ниеден? Или тоа треба некој (родителите?) да одлучи, па уште од мал да го индоктринира (за да тргне по правиот пат)?

Во секој случај, денеска, религијата е неопходна. Во самоуправниот социјализам се надевавме на подобро утре. Сега кога подоброто не е можно пред задгробниот живот, господ (или сатана) е неопходен.
Трендафил Спасов, Марсеј, Франција

Нема ништо спорно околу тоа прашање, само треба да се воведе факултативно, кој сака и без оценување во сведителствата.
Никола, Скопје, Македонија

Во училиштата не треба да се изучува предмет кој се нарекува веронаука, туку религија.

Религија треба да биде предмет во кој добро образовани професори ќе ги запознаваат учениците со богатството на сите религии, а не со разликите.

Веронауката е нешто што се учи во црквената заедница на која и припаѓаме. Сите верски заедници треба добро да се заангажираат за тоа да ги учат своите верници, најпрво возрасните, па потоа децата.

Секој мора прво да знае за себе, во што тој верува, а потоа да учи во што другите веруваат.

Мислам дека Владата и МПЦ со тоа сакаат да си ги поправат грешките што ги направиле за времето на комунизмот, па да им дадеме шанса да го сторат тоа, ама нека бидат внимателни што прават, зошто можат да предизвикаат нови омрази меѓу народот.

Малку доцнат со тоа (малку повеќе), ама ајде нека пробаат. Навистина е жално да во Македонија, која е библиска земја, луѓето не знаат што е вера, кој е Бог и ред други основни работи.
Марјан, Загреб, Хрватска

Во време кога во Франција се носат закони за неносење религиозни симболи, заради намалување на јазот меѓу верниците од различни религии, ние се сетивме на генијална идеја „воведување на веронаука“.

Очигледно ја следиме Европа во чекор.
Анонимен, Битола, Македонија

Јас сметам дека не треба да се воведе веронаука во училиштата, бидејќи тоа е лична работа и определба, па донекаде дури и интимна работа.

Има ученици кои се атеисти и во тој случај на некој начин би биле дискриминирани во тој поглед.

Секој што си ја сака и си ја цени верата и сака да дознае повеќе за неа, тоа може на друг начин да го стори.

Не би требало да биде задолжително за сите, затоа што сите не сакаат да го учат тоа.

Учењето за својата вера пред се треба да биде домашно воспитување, а не училишно образование.

Луѓето нема да бидат поголеми верници ако имаат предмет веронаука. Кој си ја сака својата вера и сака да знае повеќе за неа, ќе знае и без воведување на овој предмет во училиштата, а тие што не сакаат да знаат, и да се воведе веронауката, нема да бидат заинтересирани за тоа.

Јас сум православна и си ја сакам и ценам својата вера и знам за неа толку колку што сметам дека треба да знам, но сепак мојот став е против воведување на веронауката во училиштата.
Катерина Стојчевска, Скопје, Македонија

Живеам во Канада. Таму кај што одам во школо нема веронаука туку сите зедно уцат, црнци, индијци, кинези, католици и ние православни. Па мислам дека не треба да се воведува веронаука, тоа ќе ги раздели многу децта во училиште.
Атина, Торонто, Канада

Веронаука, или наука за верата. Мислам дека најмалу е повикано црковното лице за тоа да одлучува. Тоа живее во негов свет, како и секој од нас. Нека го почитува светот на секое хумано битие. Имало веронаука и во 1930 година. Но таа ја изведувал наставникот, а не црковно лице. Јас живеам во светот на техниката. Техниката е моја животна определба. И подобро е по мое од прво одделение да се изучува информатика.

Ако се изучува веронаука, нека биде тоа кај возрасен ццовек, веќе оформен физички и психички. Ние учевме тоа и во комунизмот, но преку филозофијата. Немојте ве молам на младо дете од 6 или 7 години да му кажувате за нешто што никој не го видел. Месијата, Господ, Алах, Јехова... Нека дојде и нека донесе добро за сите. А не само дека тој постои но никој не го видел, дека ете ќе го спаси човештвото од сите зла. А децата да ги убедиме дека тој навистина постои. Навистина е лесно. Каков идеал?
Ѓоре Дамески, Скопје, Македонија

Образованието во Република Македонија е премногу преоптеретено за дополнително да се оптеретува и со веронаука. Сепак, најлошото во образованието е фактот што образовниот материјал е скоро 100% теорија без пракса. Згора на тоа материјалот е составен на еден крајно немотивирачки начин што му припаѓа на минатиот век.

Како резултат на тоа имаме примери, како новите стручни кадри теоријата многу тешко ја применат во пракса, а од тоа најмногу губат корисниците на услугите, односно народот. Втор негативен ефект е тоа што учениците во текот на образованието немаат никаква мотивација или желба да го совладат материјалот, освен кога се работи за отценка. Дури и талентираните ученици кои пројавуваат невообичаен интерес се соочуваат со огромни тешкотии за да го добијат потребниот одговор.

Во една таква ситуација, како и секој здрав човек, не би предложил дополнително теоретско оптеретување на учениците туку напротив.
Предлагам учениците во пресрет на некој голем верски празник (на пример Велигден), со организиран превоз или пешки (во зависност од оддалеченоста) да го посетат најблискиот верски објект и таму, од страна на свештено лице да им се раскажат некои работи за религијата и празникот и да се одговори на некои прашања.

Тоа не е ништо ново туку е пракса во скоро цела Јужна Европа. Сепак, мене ќе ми биде многу мака ако нашите предлози тука се игнорираат и ние масовно си го губиме времето трудејќи се да придонесеме за подобро утре.
Марјан Колев, Струмица, Македонија

Во Австралија каде што предавам во средните училишта повеќе од 15 години, нема веронаука! Има теми кои ги изучуваат различните религии и верувања, ама предмет по веронаука непостои.

Кога во Австралија тоа го нема, тогаш оти ги воведуваме младите во искушение и поларизам. Тоа најмногу ќе се одрази на православните со муслиманите.

Воведување на веронаука, не води кон децентрализација, туку кон федерализација, на и онака зацртаната линија која постои денес. Омразата ќе се зголеми уште повеќе оти никој нема да може да ги контролира професорите дали ги учат децата на љубов или на омраза. А праксата досега ја има покажано правата вистина.

Да, нека се изучуваат религиите со посебни теми, но никако несмее да се поделат учениците во едно училиште на православни, муслимани, католици, методисти и да се стават во посебни училишта!
Ицо Најдоски, Мелбурн, Австралија

Класична веронаука не, религиска филозофија да. Секоја верска група ( православни, муслимани.) нека има акцент на своето религискио учење макар и напатствија за обичаи и практицирање.

Но за општа култура и меѓурелигиска толеранција и почит, задолжително информативно да се изучуваат начелата и од преостанати религиски филозофии.
Рамона Маркоска, Прилеп, Македонија

Ова е многу чуствителна тема. Што во суштина значи веронаука? Мислам дека во училиштата би требало да се учи само заедничката основа, а тоа е дека: Господ е еден и нема лик (Тој е апсолутната вистина, Тој е апсолутната правдина Тој е апсолутната љубов, Тој е апсолутната интелегенција и се што е бескрајно-апсолутно добро, а Абрахам, Мојсеј, Давид, Иса (Исус) и Мухамед се од Бога создадени во различни времиња со иста цел: - да го доближат човекот до Бога.

Имам неколку прашања до оние кои се сметаат за по компетентни за оваа тема.
Дали ќе им кажете на децата дека сите ние сме браќа? Како? Многу кратко ќе кажам, тие што знаат ќе сватат. Па Абрахам (во кого сите а и христијаните веруваат) го имаше (покрај другите) Исмаил (Ишмаил) и Исак. Заедно со Исмаил отиде во Арабија точно во местото каде што е денес Каба, тие ги ставија темелите на Каба. А потоа се врати и заедно со Исак остана(во Ханан).

-И уште пократко -Од Исак потекнува Иса (Исус), а од Исмаил(брат на Исак) потекнува Мухамед а.с.Значи ИСА (Исус) и Мухамед се браќа. Како ќе им го објасните тоа на децата, особено на христијаните, бидејќи муслиманите го знаат тоа многу добро. Постојат многу вакви прашања за кои што многумина од професорите по веронаука не ги знаат или не сакаат да ги кажат. Е па господа како ќе ги учите децата со такво искривено знаење какво што постои денес.
Хамза, Скопје, Македонија

Воведување на веронаука во училиште?. Погрешно! Осетливо прашање за балканските простори кеде се покажа дека верите се и основни генератори на омраза и нетерпеливост токму со погрешна интерпретација на истите.

По мое верата нека остане во чистата свест на верникот, а никако во рацете на политиката. Доволни ни се цркви и џамии каде можеме да се истакнуваме како верници.
Џавид Садику, Цирих, Швајцаријаж

Ако децата мора да ја знаат смешната дарвинистичка теорија, треба да се запознаат и со теологијата. Никој не кажа дека ќе се изучува една вера.

Би се учело верувањето на повеќе религии: христијанска (православие, католицизам, протестанти), муслиманска (шиити, сунити), будизам, јудаизам. Би се напомелано дека има и други религии освен овие најмасовни.

Што има лошо да се знаат верувањата и обичаите на другите? А ако некој е неверник, дали мора и децата негови да се неверници? Зарем тие немаат право да се запознаат со нешто поинакво?

Веронаука во форма на правење верници не, во форма на запознавање со верите (нели и предметот е наука за верата), тоа да.
Томе Колев, Скопје, Македонија

И географијата не е личен мој став дека треба да ја учам во училиште - па пак морав да ја учам! Нити верувам во неа, нити верувам во Магелан, ниту сум следбеник на Коперник - па пак морав да ја учам!

Ме научи ли таа на нешто лошо? Како воопшто тогаш церонауката може да се третира за такво нешто? Задолжително, неодложно треба да се воведе. Сакаме ли здрав народ, сакаме ли здраво потомство, сакаме ли здрава нација, сакаме ли многу историски, вистински одговори - потребна ни е таа!
Митко Петковски, Скопје, Македонија

Мислам дека треба да биде воведена веронауката во сите образовни системи. Ако го прашаме денешниот македонски тинејџер што е разликата меѓу католиците и православните христијани што ќе одговори?

Ако дојде ден да замине тој млад човек во некоја држава каде поголемиот број е од друга вера ќе може ли да остане на своето верување? Патот кон спасението е преку синот Божиј Исус Христос. А тоа е нешто кое треба сите да го знаеме, а не само да го слушаме на Велигден или Божиќ.

А плус тоа треба да знаеме што славиме на овие свети празници. Дали се народен обичај или начин на светување на Името Божјо? За крај секое општество треба да има духовен живот. Без кој младината многу лесно може да го скрши правиот пат па затоа мислам дека веронауката треба да биде најважен предмет за секој ученик без разлика дали е Православен Христијан или Муслиман.
Самер Фаза, Аман, Јордан

Ако сакаме здраво и цврсто општество, веронауката не треба да има место во училишниот простор. За тоа постојат веронаучни објекти.
Мурати Минир, Кичево, Македонија

Мора да има Веронаука, дали тоа е се воведува преку учхилиштата, или самоорганизирано од Црквите на страна нека се договораат, каде не е битно. Но, време е да се разбере Вистинскиот правец, дека тој правец не доаѓа од нашето собрание, САД, ЕУ, или било која друга „светска сила“, туку Вистинскиот правец доаѓа од Господ Исус Христос.
Крис Пурдеф, Аризона, САД

Без разлика дали некој е муслиман или христијан, веронауката си води на прав пат.
Мухамед, Прилеп, Македонија

Дали веруваш во Господ или не е личен став на секој човек. Затоа не треба да има веронаука во училиштата.
Васил, Торонто, Канада

Воведување на веронаука во училиштата, секако да. Но, воведување само како факултативен предмет, кој би се посетувал само со љубов, без оцени.

Зошто да? Да, од причина што многу морални, етички и секакви вредности се одамна изгубени во нашата држава.

Со изучување на веронауката, учењето за Бог, синот божји Исис Христос и се што нашата вера проповеда, сите 10 божји заповеди и целата љубов што ја содржи нашата вера, ќе го врати нашиот верник на правилно однесување кон животот.

Ќе ги врати повторно нашите млади генерации на правилниот пат (барем на еден дел), а со тоа и ќе се зајакне почитувањето на другиот, моралот и етиката ќе се вратат, барем во подносливи рамки, човекот ќе стане благороден, хуман, чесен и ќе го красат повеке вредности.

По мое размислување, тоа треба да важи за сите вери (православна, католичка, муслиманска итн.).

Лично не верувам дека некоја вера го учи на погрешен пат својот верник. Затоа да, што е можно побрзо.

А шпекулациите дека некоја вера и пречи на другата, се сосема погрешни и служат за шпекулации.

На оваа земјина топка има доволно простор за сите вери. Со правилно изучување на својата вера, ќе можеме да бидеме толерантни кон сите други вери, различни од нашата.

Тоа важи без исклучок за сите. Затоа, напред кон ученје на подобри млади генерации.
Лидија, Шведска

Мислам дека изјавата „Без влегување на веронауката како задолжителен предмет, нема да имаме здрава и културна младина“ е апсолутно смешна и невистинита.

Секој граѓанин на Република Македонија треба и мора да ужива слобода на религиозна определба, без никакви притисоци.

Воведување на веронаука како задолжителен предмет ја ускратува токму таа слобода и врши притисок врз младината да биде „православна“, „христијанска“, итн. без да им се даде правото на идните лидери да донесуваат сопствени одлуки за нивната религиозна определба.

Бидејќи во случајов зборуваме за јавно школство, кое се финансира од даноците на сите граѓани на Република Македонија, истото не смее да воведува ограничувања и да дискриминира врз било каква основа.

Ако веронауката стане задолжителна, што се случува со атеистите, агностиците, будистите, итн?
Владимир Андријевиќ, Скопје, Македонија

Богословија да, но само како изборен и факултативен предмет! Тоа значи дека децата ќе можат да бираат дали ќе слушаат или не Богословија, а за тоа нема да бидат оценувани.

Значи Богословија или Теологија (сеедно како ќе се нарече) може и треба (на оние кои сакаат) да им се овозможи следење на ваков вид настава во интерес на демократијата. Како задолжителен предмет јас сум категорички против.
Маријан Николов, Велес, Македонија

Моје мислење, во училиштата треба да се воведе веронауката за да имаме подобро познавање и самите себе кои сме и колку верата значи за секој човек, а не како претходните генераци не знаевме да се однесуваме во Црквите.
Борис Ковачев, Лугано, Швајцарија

Јас сум противник на воведувањето на веронауката во училиштата, особено во основните. Зошто? Децата во раната младост се подложни на она што го проповедаат другите и не се способни правилно да гледаат и би било погрешно во модерното општество да им ги извртуваме ставовите, бидејќи сметам дека општеството не смее повеќе да се базира на религијата.

Тоа ќе не направи и поконзервативни отколку што сме и тоа нема да не унапреди, туку само обратно. Не смееме да си дозволиме нашата младина да биде затворена, и религиозните разлики да се засилат, посебно не ако се гледаме во иднината.
Никола, Марибор, Словенија

Без воведување на веронаука во училиштата ве молам. Од причини што сите малцинства ќе бараат нивната религија да биде застапена исто така. И ќе настанат проблеми. Знаци со еден збор попаметно ќе биде секој својата религија да си ја почитува и практикува но, не и во училиштата.
Емили, Скопје, Македонија

Веронауката може да се воведе во образовниот систем, меѓутоа исклучиво како изборен предмет, кој никако не смее да се оценува. Одлуката дали ќе учат веронаука или не треба да ја донесат самите ученици, без било какви притисоци и условувања од родителите и наставниците.

Исто така не би било лошо да се изучуваат и други религии, особено на малцинствата треба да им се овозможи да ги изучуваат своите религии, односно да бидат рамноправно застапени и од аспект на религијата.
Искра, Скопје, Македонија

Воведувањето на веронаука во училиштата може да има само позитивен ефект, затоа што секоја вера проповеда на почитување спрема другата.

Мое мислење е дека во Македонија имаме многу неинформирани луѓе за верата на другите. Ова би било добар чекор во секој случај.
Буљугија, Бохум, Германија

Вербата во Господ ги спријателува граѓаните заедно, а веронаука, особено за определена религија ги поделува.

За да се напредува, подобро е да не се спроведува веронаука.
Александар Т., Виндсор, Канада

Во училиштата не треба да се воведе веронаука.
Ѓорѓи Стојков, Скопје, Македонија

Јас сум дипломиран богослов и се чувствувам еден од најповиканите по оваа тема.

Според мене, а мислам дека и многу други образовани луѓе во Македонија ќе се согласат со моево мислење, вероучението во македонското образование, а особено во основните училишта, е повеќе од потребно.

На учениците им се предаваат какви ли не предмети од типот на „демократија“, „етика“ и уште не знам какви други социјални науки, а сето тоа може да се сведе во една дисциплина - веронауката.

Кога едно дете ќе се научи да ги почитува Божјите закони (без разлика во случајов дали децата ќе бидат православни или муслимани), тоа понатаму ќе стане добар граѓанин на државата.

Постојано на децата им се кажува како треба да се добри и школството се бори против деликвенцијата, од која подоцна се раѓаат и криминалот и корупцијата, а сето тоа може да се сведе во еден предмет - веронауката (говорам конкретно за православната веронаука).

Накратко - без влегување на веронауката како задолжителен предмет, нема да имаме здрава и културна младина.
Зоран Димовски, Битола, Македонија

 

MTnet - Web portal
 
UNET - Prv makedonski internet provider
 
Templum
 

Дома | Вести | Спорт | Емисии | ТВ програма | Контакти | Мапа


(C) А1 Телевизија

За сите технички прашања во врска со овој сајт контактирајте со webmaster@a1.com.mk