1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските азиланти чукаат на отворена врата

Мобилноста на ромската популација, нивната лоша социјална ситуација и мотивацијата со високи суми социјална помош во европските земји, се трите главните состојки на „молотовиот коктел“ наречен азилантски бран.

Ако италијанското пристаниште Лампедуза беше спас за 15.000 бегалци од „aрапската пролет", луѓето што бегаат од „македонската економска зима" својата „Лампедуза" ја наоѓаат во Косово. Македонско-косовската граница ја поминуваат илегално, поради забрана за излез од Македонија заработена со претходна злоупотреба на визниот режим. Во Косово ги чека возило со кое продолжуваат до саканата европска дестинација. Таква шема неделава откри македонската полиција. Колку досега успеале - не се знае, но последниот обид бил неуспешен. Лицето што добило пари илегално да ги внесе Македонците во Косово, не се појавило. Сега тие се тројни жртви - на лошата социјална ситуација, на измамници и на неостварен сон да стигнат во центарот за азиланти во близина на Франкфурт. Она што зачудува, е висината на сумата што ја плаќале за оваа услуга - од 800 до 1.000 евра за едно семејство. За споредба, просечната плата во Македонија изнесува 335 евра. Социјалната помош за едно лице во првите две години е 38 евра, а од третата 19 евра. За петчлено семејство таа помош е 90 евра, а од третата година 45 евра.

Ризикот се исплатува

Изгледа дека вреди да се ризикува, вели Асан Рашидов, 37-годишен жител на најголемата ромска општина во Македонија, Шуто Оризари, на периферијата на главниот град.

„Роми кои биле во Франција и Германија, се фалат дека добиваат голема месечна помош и до 2.000 евра. Дури и да ги вратат овде, со тие пари ќе живеат цела година", вели тој.

Ромите од Шутка се фалат дека од германската држава добиле голема финансиска помош, додека ја чекале одлуката за нивното барање за азил Ромите од Шутка се фалат дека од германската држава добиле голема финансиска помош, додека ја чекале одлуката за нивното барање за азил

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска предупреди дека сите што го злоупотребуваат безвизниот режим ја ризикуваат социјалната помош. Познавачи на состојбите во социјалната политика, сметаат дека токму поради тоа власта не е мотивирана да го запре бранот - колку повеќе азиланти, толку повеќе се намалуваат социјалните расходи од буџетот. Во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека бројот на корисници на социјална помош е намален за 7.000. Лани биле 46.000, годинава 39.000. Портпаролот на МТСП Давор Политов потсетува дека сите корисници имаат обврска промените во семејството лично да ги пријават во центар за социјална работа до 15-ти во месецот.

„Ако некое лице замине од државата и не ја исполни обврската, му се укинува социјалната помош. Причините се индивидуални, па не сме во можност прецизно да одговориме колку решенија за престанок на социјалната заштита се дадени поради неосновано барање азил во ЕУ", вели Политов.

Профил на лажниот азилант

Од МВР тврдат дека Македонија направила се' - зајакната е полициската контрола на граничните премини и околу 6.500 македонски државјани во изминатите девет месеци биле спречени да бараат азил во ЕУ. Инспектори извршиле 398 контроли во 118 туристички агенции, 38 друштва за превоз и на 22 лица превозници. Полицијата лани многу лесно го утврди профилот на лажните баратели на азил. Роми во Скопје сами ја посочија туристичката агенција „Скај Вин" како организатор на нивни азилантски тури во ЕУ. За нејзин управител беше посочен Елвис Бајрам, градоначалник на Шуто Оризари и син на Амди Бајрам, пратеник во Собранието и коалициски партнер на премиерот. Агенцијата беше затворена, а полицијата започна кампања „Стоп за злоупотреба на визната либерализација" и дистрибуираше 20.000 едукативни флаери на албански и ромски јазик. Европската комисија во последниот извештај забележа пад на бројот на баратели на азил од 7.550 во 2010 на 5.545 во 2011. година. Но, од Македонија побара решавање на социјалните и економските проблеми на најчувствителните групи.

Германските власти регистрираа зголемен број баратели на азил од Македонија и Србија. На фотографијата е едно српско семејство, во прифатен центар, кое бара азил во Германија

Инклузија на Ромите

Процентот на сиромаштија во Македонија е 30,9 отсто, на невработеност 31, 2 отсто, а тоа најмногу го чувствуваат Ромите, кои според последниот попис претставуваат 2,66 отсто (53.879) од вкупната популација. Но, ромските организации тврдат дека реалната бројка е 135.490, а разликата се должи на фактот дека многу Роми не се евидентирани бидејќи немаат лични документи, ниту пари да ги обезбедат.

Владата во изминативе години презема повеќе мерки за подобрување на нивната положба. Со програмата за инклузија на Ромите во детски градинки, за 6 години се опфатени околу 1.700 деца Роми, а 10 отсто од изградените станови се доделуваат на социјално загрозени семејства. Учеството на Ромите во образовниот процес во последните четири години е зголемено за 57 отсто. Стапката на запишани Роми во средно образование стигна до 83 отсто, во средно 19 отсто, а на факултетите два отсто. Министерот за образование Панче Кралев потсетува дека секоја година се доделуваат по 600 стипендии за школување, а по 120 ментори им помагаат на учениците Роми успешно да транзитираат од една во друга година.

„Се назначуваат и тутори со цел успешно полагање на државната матура. Во септември започнавме и проект поддржан преку ИПА програмата за поддршка на образованието на ромската популација", вели Кралев.

За „Декадата на Ромите" во Македонија да не биде празна фраза, се грижи и министерот без ресор, Неждет Мустафа, кој добро ги познава проблемите во неговата етничка заедница.

Азилантски центар во Лајпциг

Германски сон

Додека едни заминуваат од Македонија, други доаѓаат. „Нема само ЕУ проблем со азилантите", потсетуваат од МВР. Фронтекс, Европската агенција за менаџирање на надворешните граници на ЕУ, објави дека за 300 проценти е зголемен бројот на лица што бараат азил во Македонија, главно од Авганистан, Пакистан, но и од Африка. Лани азил побарале 646 лица, кои преку соседна Грција доаѓаат во Македонија и остануваат.

Македонија во исто време е и азилантска „мека" и азилантски контрибутор. За улогата на контрибутор, според аналитичарите, клучни се три фактори: мобилноста на ромската популација како дел од нивната историја и традиција, лошата социјална ситуација и мотивацијата со високи суми социјална помош во европските земји. Белгија се спаси од азиланти откако летово ги стави Македонија и Србија на списокот на безбедни држави, со што целосно ја укина можноста нивни државјани да бараат азил. Германија не ја стави Македонија на списокот „безбедни земји" и со тоа индиректно „кани" азиланти. Се покажува дека љубовта е двострана.

Додека некои народи имаат „американски сон", Ромите од Македонија отсекогаш имале „германски". За тоа сведочи и главната музичка тема во култниот македонски филм „Gypsy Magic" од 1997. година, кој ја отсликува положбата на Ромите, а започнува со стиховите: „Јас сум шетал, јас сум бил на Запад, дури до Германија, за да најдам леб за мене и за мојата фамилија..." Се чини дека од тогаш до денес, ништо не е сменето.

Фокус

Референдум, прогласена самостојност, прием во ОН, спогодба со Грција... Политичарите, дипломатите, културните дејци и спортистите за две децении