1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германија и Шведска притискаат за враќање на визите

Двете земји бараат на балканските земји да им се врати визниот режим за да се стави крај на приливот на лажни азиланти во нивните земји. Одлуката веројатно во февруари. Критики за Фридрих од опозицијата.

Балканските земји мора да ја подобрат состојбата на нивните малцинства, изјави шведскиот министер за внатрешни работи Тобиас Билстром пред почетокот на состанокот на министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ во Луксембург. Главна тема на состанокот е состојбата со приливот на голем број граѓани на земјите од Западниот Балкан, претежно Роми, кои бараат азил во државите од ЕУ.

„Секој земја мора да си ги исполни обврските пред да стане членка на ЕУ“, порача Билстром, алудирајќи на земјите со кандидатски статус од регионот, во прв ред Србија и Македонија.

Австрија, Белгија, Франција, Германија, Луксембург, Холандија и Шведска заеднички бараат да се укине безвизниот режим за земјите од Западниот Балкан кој беше воведен во периодот 2009-2010.

Шведскиот министер Тобиас Билстром (лево)

Дел од земјите бараат да им се овозможи повторно да го воведат визниот режим на нивните граници. Опцијата една земја членка на Шенген зоната да има можност за привремена суспензија се дискутира во рамки на Европската Комисија и Европскиот парламент, но се$ уште не е усвоена.

Критики за Србија и Македонија

Германија особено притиска за оваа можност, затоа што, според зборовите на министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих системот во неговата земја е преоптоварен поради неоправданите барања за азил кои доаѓаат од Србија и Македонија. Една од опциите кои подолго време се разгледуваат во Германија е и решавањето по овие барања по итна постапка, во рок од 48 часа, по примерот на Швајцарија. Но, засега Германија нема законска можност да воведе такво правило. Според податоците на сојузните служби, во септември годинава 1.395 луѓе од Србија и 1.040 од Македонија поднеле барање за азил во Германија.

Решение за проблемот, сепак не е набрзо на повидок, а евентуалната одлука за суспензија на безвизниот режим би можела да се очекува најрано во февруари следната година. За можните солуции се дебатира и во Европската Комисија и во Европарламентот, а конечната одлука треба да ја одобрат и две третини од членките.

Критики во меѓувреме стигнуваат и на сметка на Србија и na Македонија за нивниот однос кон ромското малцинство.

„Тука станува збор за состојбата на малцинствата во земјите од Западниот Балкан, и треба да разговараме за тоа како да се подобри нивната ситуација таму“, рече шведскиот министер Билстром.

„Овие земји мора да се погрижат да им обезбедат подобри услови на овие луѓе во нивните земји и да не ги дискриминираат“, вели германскиот министер Фридрих.

Фридрих шири популизам

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих

Острите изјави на Фридрих наидоа на критика во германската јавност. Опозициските Социјалдемократи и Зелените сметаат дека Фридрих не покажува никаква чувствителност кон ромската заедница.

„Изјавите на Фридрих покажуваат технократска студеност кон најсиромавите“, вели пратеникот во Бундестагот на Зелените, Фолкер Бек. Само еден ден по отворањето на споменикот на жртвите Роми и Синти од Втората светска војна во Берлин, Фридрих шири популистички ставови против Ромите, оцени Бек.

Со слична оценка излезе и портпаролот за внатрешна политика на СПД, Рудигер Фајт.

„Фридрих води предизборна битка на грбот на српските и македонските азиланти, мнозинството од кои се Роми. Министерот треба да се потсети на сопствените христијанско-социјални вредности“, порача Фајт.

Фокус

Референдум, прогласена самостојност, прием во ОН, спогодба со Грција... Политичарите, дипломатите, културните дејци и спортистите за две децении