1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Патриотските обврзници“ ја наполнија државната каса на Италија

Италијанскиот премиер Монти овие денови се радува на успехот на т.н. „патриотски обврзници“ со кои граѓаните повторно ја наполнија државната каса. Импулсот за овој почеток на закрепнувањето на Италија дојде однадвор.

Италијанскиот премиер Марио Монти кого многумина го критикуваа дека е „финансиски управител на земјата“ без поддршка од народот, сега може да им понуди силен против-аргумент на неговите критичари. Во изминатите денови граѓаните на Италија со помош на „патриотските обврзници“ ја наполнија државната каса со дополнителни 18 милијарди евра. Заедно со сличните обврзници пласирани во првата половина на годината, граѓаните на Италија со купување на државни хартии од вредност на својата држава и‘ помогнаа со вкупно 27 милијарди евра. Така Италија годинава благодарејќи на своите граѓани речиси во целост ги задоволи сопствените потреби за капитал.
„Патриотските обврзници“ целно се понудени на граѓаните и на малите штедачи а не, како што тоа е обично случај, на одредени банкарски институции. Ова е показател на доверба на граѓаните во стабилноста на Италија“, рече економистот Марио Сприфико од брокерската компанија „Шредерс“. Големата побарувачка на овие обврзници, како што смета Сприфико, воедно е и „јасен одговор на финансиските шпекуланти“, кои во последните месеци повторно одново се обидоа да ја дестабилизираат Италија. И неговиот колега од банката Уникредит, Лука Кацулани, продажбата на обврзниците ја смета за „голем успех“ кој ќе помогне земјата од себе да го симне притисокот на финансискиот пазар.

Импулсот сепак дојде однадвор

Но воодушевеноста на Италијанците за обврзниците на сопствената држава не падна од небо. И додека емисијата на „патриотски обврзници“ во пролет годинава граѓаните на Италија ја прифатија далеку постудено, новото воодушевување се толкува и со трендовите на пазарот на „големите“. Како што смета Марија Каната од Државната агенција за долгови, и расположението на големите играчи за Италија во меѓувреме се подобри што влијаело и на расположението на штедачите. Да се придобие меѓународниот капитал за италијанскиот пазар е многу поважно од успехот кај домашните, малите вложувачи, па затоа Рим се радува на новиот позитивен интерес за финансискиот пазар за Италија. Како причина за повторно разбудената доверба однадвор, стручњаците ја наведуваат најавата на Европската централна банка дека, ако се појави потреба за тоа, ќе  откупува неограничени количества обврзници на задолжените држави, меѓу кои е и Италија.