1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германско обединување

„Расцутени пејзажи“ и празни станови

Дваесет години по обединувањето, Источна Германија се соочува со огромни демографски предизвици. Од една страна, дел од големите градови доживуваат процут, но од друга, помалите градови и селата го губат населението.

Три санирани големи монтажни станбени згради во населбата Херенберг во Ерфурт

Релативни победници: Три санирани големи монтажни станбени згради во населбата Херенберг во Ерфурт

Канцеларот на обединувањето, Хелмут Кол, во деновите на драматичниот пресврт вети „расцутени пејзажи“ во новите германски покраини на Истокот. Нив навистина ги има, ако се погледнат градовите како Берлин, Дрезден, Лајпциг или Ерфурт. Но, ако се погледне подлабоко во внатрешноста, тогаш глетката е поинаква. Имено, таму цути коров и тоа на урнатините и на заѕиданите влезови во куќите со празни прозорски окна. Статистиката вели дека во петте источни покраини, што порано и’ припаѓаа на Германската Демократска Република, стојат празни вкупно 1,3 милиони станови. Од нив, 350.000 треба да бидат урнати до 2010 година.

Уривање на монтажни станбени згради во населбата Штралзунд Уривање на монтажни станбени згради во Штралзунд
„На Истокот на Германија има релативни губитници и релативни добитници“, вели Филип Освалт, раководител на меѓународниот проект „Градови што се смалуваат“. Во рамките на овој проект, архитекти, етнолози, географи и уметници ги набљудуваат, секој од својот агол, процесите на смалување на урбаните средини. На истокот на Германија се сметаат за среќни и успешни оние градови што успеале барем да го спречат овој процес. Меѓу нив секако спаѓа градот Потсдам, кој се наоѓа блиску до главниот град Берлин. Станарините во Потсдам спаѓаат меѓу највисоките во целата земја. Исто така, одлично санираниот град Герлиц бележи тренд на доселување на пензионери од побогатиот Запад на Германија.

Светилници и темница околу нив

Во непосредна близина на ваквите „светли точки“ на истокот од земјата има и многу негативни примери. Експертите со право тврдат дека на полето на демографскиот развој најдраматично се гледа колку длабок пресврт донесе повторното обединување на Германија. Статистичките прогнози велат дека населението во Источна Германија би можело да се сведе на половина до 2050 година. Меѓу десетте региони на Европа што бележат најсилен тренд на смалување се наоѓаат дури три од Источна Германија. Демографите сметаат дека станува збор за ефекти на постсоцијалистичка деиндустријализација, поврзани со проблемите на периферните населби. Во прилог на ваквата анамнеза зборуваат примерите на средно големите индустриски градови, на пример, Ајзенхитенштат. Станува збор за населба што се формирала околу една фабрика за производство на челик, која на почетокот го носела името Сталинштат. Од тогашните 50.000 жители во 1990 година, градот денеска брои само уште 33.000. Списокот на вакви и слични примери е долг.

За руралните региони, пак, подалеку од големите градови, како што се Пригниц, Укермарк или Лаузиц, останува малку надеж за подобра иднина. Берлинскиот „Институт за население и развој“ во ваквите региони препорачува насочување на силите кон создавање општини што ќе бидат способни за преживување, зашто некои мали градови и села имаат навистина минорни шанси да преживеат. Трошоците за инфраструктурата, како водовод, канализација, електрична мрежа итн., се едноставно превисоки ако во нив остануваат премал број жители. Во некои средини во покраината Саксонија, на пример, општинските власти мораат да ги менуваат водоводните цевки, бидејќи кога бројот на потрошувачи се намалува, водата тече побавно. На тој начин се зголемува опасноста од појавување бактерии во водоводниот систем, како и од наслаги што го оштетуваат.

Судбински ножици

Намалувањето на стапката на наталитет, од една страна, и иселувањето во покраините на побогатиот Запад, од друга, се двата клучни фактора за ваквиот негативен демографски тренд во Источна Германија. Статистичките податоци покажуваат дека од повторното обединување на земјата до денес источните покраини трајно ги напуштиле преку еден милион жители. Најголемиот дел од нив се преселил

Улица во центарот на Швет Каде се луѓето? Населението во Швет речиси се преполови
во западните покраини, во потрага по работно место. Само покраината Саксонија губи 20.000 жители годишно, значи по еден помал град. Една студија на „Центарот за социјални истражувања“ со седиште во Хале, покажува дека оние што заминуваат од Истокот кон Западот на Германија се, пред се’, добро образувани кадри, најчесто од женски пол. Меѓу матурантите во источните покраини жените се двојно позастапени од припадниците на „посилниот пол“. Тоа значи дека и оние кои не заминуваат на Запад во потрага по подобри работни места, се’ потешко наоѓаат партнери со слично образовно ниво. Тоа ги поттикнува младите жени на засилено иселување. Така, во некои подрачја во источните покраини на сто млади мажи доаѓаат само уште 80 жени.

Демографите предвидуваат дека до 2030 година бројот потенцијални мајки ќе се намали за 50 проценти. Со тоа се потенцира и онака големиот проблем со нискиот наталитет во источните покраини. Тие веќе водат во цела Европа по ниската стапка на наталитет. Тоа има далекусежни последици, бидејќи ќе има и помалку деца во градинките и училиштата, помалку работници во претпријатијата, помалку станари во куќите и становите, кои се’ почесто стојат празни и се распаѓаат. Расчекорот меѓу „расцутените градови“ и опустошените подрачја ќе станува се’ поголем - прогнозира „Институтот за население и развој“ од Берлин.

Позитивни аспекти

Но, простор за песимизам нема! Охрабрува фактот што на повеќе места се создаваат претпријатија кои работат на технологии со добра иднина, на пример, за развој на еколошки постројки. Освен тоа, смалувањето на дел од урбаните и руралните средини во Источна Германија може да претставува и шанса, смета Филип Освалт од проектот „Градови што се смалуваат“. Она што сега се случува на Истокот е процес што го чека и Западот, каде што исто така населението старее и со тоа се смалува. Источна Германија може да се каже дека игра водечка улога во барањето решенија за таквиот демографски проблем, што се засилува и во западниот дел на земјата.